Времето на никнување на млечните заби варира во голема мера, како за секој заб посебно така и кај секој поединец е индивидуално, затоа може да се зборува само за просечното време на никнување на запчињата. Обично, кај девојчињата, забите никнуваат малку порано отколку кај момчињата, меѓутоа, редоследот на никнување е константен.
Никнувањето на забите започнува најчесто околу шестиот месец по раѓањето со појавувањето на долните секачи и продолжува се до првата половина на третата година од животот – околу 30-тиот месец по раѓањето, до кога најчесто се никнати сите 20 млечни заби. Околу шестата година од животот се јавуваат првите трајни заби, првите катници – шестките а потоа започнува замената на млечните заби која обично трае до 12-тата година до кога сите млечни заби би требало да се заменети со трајни.
Првите симптоми за никнувањето на забите се зголемено лачење на плунка, зголемена осетливост на непцата - иритабилност, зголемен нагон за гризење, намален апетит, понекогаш слаби болки и раздразливост. Понекогаш можно е мало покачување на телесната температура, но ова не би требало да трае долго или да е со повисок степен, затоа што никнувањето е физиолошки, природен процес. Сепак никнувањето на забите е во период кога општи симптоми причинети од други причинители може погрешно да бидат припишани на никнувањето на забите.
Периодот на никнувањето на забите е неколку дена – најчесто околу една недела за секое запче при што симптомите се присутни неколку дена пред и неколку после појавувањето на забот во устата.
Дали сте знаеле дека млечните заби потешко никнуваат но побрзо се развиваат од останатите. Ако за развој на млечен заб е потребно време од 3-4 години, тогаш за развојот на трајните заби потребни се 10 до 12 години (од моментот на појавување на забот до затварање на коренот).
Слика бр.1 Периодот на никнувањето на млечните заби