Глава, стапало и дршка за око од мал земјен полжав скоро биле пронајдени фосилизирани во парче 99 милиони години стар килибар. Иако примерокот е голем само 0.5мм, сепак нуди неверојатен увид во животите на овие незабележливи суштества од времето на диносаурусите.
Полжавот е најден во мало парче килибар од северен Мјанмар, место познато и како Бурма. Килибарот бил купен од приватен колекционер на фосили во 2016 година, а содржи школка од втор, не многу добро сочуван полжав. Додека најголем дел од пронајдените фосили на полжави ја задржуваат само школката, овој пронајдок е најстариот во кој е зачувано и меко ткиво од полжавот.
Слика 1. 3-D реконструкција на полжав стар 99 милиони години
Проектот бил предводен од истражувачот на National Geographic Лида Ксинг, од Кинескиот Универзитет за Геолошки науки во Пекинг, чиј тим, не многу одамна, има откриено остатоци од мали птици, дождовни жаби, мали змии, па дури и пердувест опаш од диносаурус во Бурмански килибар.
Полжави со меко ткиво, зачувани во килибар, биле наоѓани и порано, на разни локации, но овој нов вид е најмалку 70 милиони години постар од досега најстариот пронајден полжав и обезбедува многу важни информации за богатиот биодиверзитет на тропските шуми во Креденото доба.
Полжавот, кој сега е дел од колекцијата на Dexu институтот за палеонтологија во Кина, се поврзува со денешните Циклофороидни полжави кои може да се најдат во тропски или субтропски области. Оваа фамилија полжави е позната по цврстиот оперкулум, кој служи како капак или затворач кога полжавот ќе се повлече во школката. Како и да е, фактот дека примерокот е мал, а самиот полжав е многу млад, тешко е дефинитивно да се утврди идентитетот.
2. Парче килибар со полжав
Сепак, ваквите пронајдоци се многу вредни за комплетирање на реконструкциите на килибарните шуми од периодот Креда.
За тоа како овој полжав бил заробен од смолата, има неколку теории од разни научници. Лида Ксинг и неговиот тим, претпоставуваат дека најверојатно полжавот паднал во смолата и останал заробен во лепливата течност и покрај обидите да се ослободи. За разлика од оваа хипотеза, Џорџ Поинар, палеонтолог од Државниот Универзитет во Орегон, тврди дека полжавот најверојатно бил нападнат од некаков предатор, кој го искинал неговото месо, а потоа случајно го испуштил и полжавот паднал во смолата.
Која и да е вистинската теорија, сепак фасцинантен е фактот дека ова суштество е зачувано 99 милиони години на земјата и денес значително придонесува за подлабоки сознанија на палеонтолозите.
Извор: National Geographic