Warning: session_start(): Cannot start session when headers already sent in /home/travelg1/public_html/beautyshop/inc/vars.php on line 2
продолжение ... Најголемо светско уметничко дело направено од килибар...дали некогаш ќе биде пронајдено?

Статии и Совети

продолжение ... Најголемо светско уметничко дело направено од килибар...дали некогаш ќе биде пронајдено?

Додадена на: 26.05.2013

Судбината на оригиналната Килибарна соба останува една од најголемите мистерии во светот.

До 1709 год. биле изработени 50% од килибарните панели и веќе биле поставени на зидовите во Кралскиот дворец во Шарлотенбург. Иако незавршена Килибарната соба предизвикала одушевување кај Фридрих Први и сите останати кои ја виделе.

  Поглед на Кралската палата во Шарлотенбург, гравура во челик од 1840 год. гравер Е. Финден

 

             Благодарение на модерната научна реконструкција, а врз основа на анализа на архивски материјали, вака изгледала Килибарна соба на кралот на Прусија.

Еден современик во тоа време напишал:

 „Ова е уникатен производ од килибар, скапоцен не само поради вредноста и цената на материјалот туку и поради извонредното мајсторство при изработката на мозаиците и резбаниот килибар. Зидните мозаици се изненадувачки во комбинација на резби од алегориски сцени, мали и големи монограми, цветни венци итн. Со одличен вкус на килибарните панели се изведени рељефни минијатури. За подобрување на светлосните ефекти на панелите, под килибарот се поставени листови од позлатена фолија.“

Иако првобитно Килибарната соба била поставена во домот на Фридрих I, во дворецот Шарлотенбург, подоцна тој решава да ја премести во неговиот Кралски замок во Берлин. Килибарните панели се демонтирани, транспортирани до Берлин и ставени во аголот на една соба на третиот кат на замокот (Berlin Stadtschloss).

                        Приказ на кралската палата во Берлин, бакропис од 1799 год. гравер П. Хас

По смртта на кралот Фридрих Први во 1713 год. килибарната соба останува недовршена. 

                              

 

 

 

 

 

Новиот крал на Прусија Фридрих Вилхелм Први (1688-1740) незаинтересиран за проектот и бидејќи го гледал само како непотребно губење на пари, им наредил на занаетчиите да запрат со работите

 

    

                                                                              

Сите панели биле симнати  и заедно со нацртите биле спакувани во сандуци и  складирани во Цојгхаус (Zeughaus), еден од најубавите профани објекти од барокниот период на авенијата Унтер ден Линтен во Берлин, изградена во годините 1695-1706 како најголемо депо на оружје, воени пленови и трофеи. Килибарната соба во Цојгхаус паѓа во заборав.

      

                                                              

 

Во Русија многу се зборувало за собата од килибар. Рускиот цар Петар Велики исто така знаел за прекрасното дело на Андреас Шлутер и навистина искрено сакал да ја добие собата за својата уметничка колекција. Постои разногласие дали Петар I ја побарал Килибарата соба од прускиот цар или тој сам му ја подарил како дипломатски подарок. Прашање е дали рускиот цар ја видел Килибарната соба составена? Да, се верува дека ја видел на своето прво патување во Европа во 1712 год. Во 1716 год. на своето второ патување во Франција, рускиот цар се сретнал со Фридрих Вилхелм Први во Гевелсберг, блиску до Берлин.

Набргу после таа средба а заради заедничката Пруско-Руска алијанса против Шведска, рускиот цар ја добива како дипломатски подарок Килибарната соба заедно со јахтата „Либурника“. Во тоа време тој и пишува на сопругата, царицата Катерина Алексеевна: „ Прускиот крал направи елегантен потег, ми подари јахта  која треба да се дотера во Потсдам и ми ја подари прекрасната килибарна студија која долго време ја посакував“. За возврат две години подоцна царот како подарок ќе му испрати на прускиот крал 55 гренадири (Фридрих Вилхелм Први имал малку чудно хоби, тој собирал горостасни војници за својата гренадирска регимента).

 

Рускиот претставник на прускиот двор грофот Алексеј Головин го следел транспортот на Kилибарната соба. Патот на пратката бил долг и сложен и траел шест недели, до декември 1716 год. Таа тргнала од Берлин до Кенигсберг (денес Калининград), Мемел (денес Клаипеда)  преку Рига за да стигне во Санкт Петербург. Пред да се спакува Килибарната соба бил направен попис. Според документите во московските архиви напишани на германски јазик и преведени на современ руски јазик, пратката содржи:

" Дваесет и две големи ѕидни парчиња изработени од килибар, сто осумдесет други табли и килибарен накит, неколку големи зидни панели со вградени огледала, разновидни килибарни предмети, три големи глави изработени од дрво, седум мали глави, 14 лалиња, 12 рози, 3 парчиња со школки. "

Во Прусија панелите били спакувани во специјални кутии наредени во слама, покриени со фланелни прекривки, зајакнати со дрвени летви. Кутиите биле завиткани во восочна хартија и обрабени со кожа. Пратката содржела и упатство со инструкции за распакување. Во упатството било запишано и името на мајсторот на Килибарната соба (Готфрид Турау).

 На осум коли биле натоварени 18 сандуци со килибар и испратени за Кенигсберг. До Мемел товарот бил пренесен со кораби. На 06.01.1717 год. од Мемел пратката била преземена од страна на претставникот на грофицата Ана Ивановна и испратен до Рига. Од таму до руската престолнина сандуците се натоварени на санки, но снежните врнежи го отежнуваат и одложуваат транспортот. За време на целото патување конвојот со богатство од килибар бил обезбедуван. Во мај 1717 год. секоја кутија од скапоцениот товар е натоварена на посебен вагон што го влечеле шест коњи и така со воени почести Килибарната соба пристига во Санкт Петербург.

Во Санкт Петербург пратката ја презема генералот Гувернер Александар Меншиков и следејќи ги инструкциите од Берлин почнува да ја распакува.

Во својот извештај до рускиот цар од 05.07.1717 год. Меншиков му пишува: „Ја прегледав пратката за килибарната соба која прускиот крал ја подари на Вашето височество. Пратката има сосема мали, практично незначителни штети. Некои сосема мали делови се одлепиле, меѓутоа тие можат повторно да се залепат, а тие кои се загубиле можат да се дополнат. Ова навистина е неверојатно убава работа каква што досега не сум видел  во целиот свет.

За жал тогаш не се знаело како треба да биде поставена Килибарната соба и затоа нејзините делови биле однесени во едно крило на Летната палата, каде се наоѓала царската уметничка соба. Едноставно сите панели биле наредени покрај зидовите во просторијата.

        

                                                                  Летен дворец

 

Килибарната соба во Зимската палата во Санкт Петербург

                    Елизабета    Петровна

                     Романова                                                                                                                                                                                                                                                                                        

До крајот на својот живот Петар I не одлучил како да го употреби скапоцениот подарок од килибар. Ниту неговата сопруга Катерина I Алексевна , која владеела од 1725-1727 год. ниту нејзиниот син Петар II, кој бил цар од 1727-1730 год. не му посветиле внимание на килибарот. Очигледно, причината за ова е немањето на завршна обработка во Килибарната соба и многу детали кои бараат квалификувани резбари на килибар. На почетокот на XVIII век овој вид на уметност беше во зачеток во Русија. Тоа се случува кога царската моќ ја добива ќерката на Петар I, царицата Елизабета Петровна Романова (1709-1762), која владеела од 1741-1762 год.

   

Таа решава да ја постави скоро заборавената Килибарна соба во една просторија во нејзината официјална резиденција во новоизградената (трета) Зимска палата во Санкт Петербург.

    

         Зимска Палата Сант Петерсбург (1732-1736)                  Бартоломео Франческо Растрели

Нејзиниот главен архитект Бартоломео Франческо Растрели добил задача тоа да го организира. Во 1743 год. тој го повикал италијанскиот мајстор Александар Мартели да ги обнови и корегира деловите на собата. Во договорот потпишан на 11 февруари 1743 год. мајсторот Мартели се обврзал да ги состави и монтира сите делови на Килибарната соба во една просторија во Зимската палата. Неверојатно, надоместокот за целата работа на мајсторот изнесувал само 600 рубљи.

За декорација на целата просторија од 85 м2 (Килибарната соба покривала 55 м2) немало доволно килибар и затоа Растели додава неколку панели обоени во стил на килибарот.

Во 1745 год. царицата Елизабета го добила од Фридрих Први и четвртиот панел направен според проектот на Андреас Шлутер, но тој не бил составен. Неговиот изглед се чувал како тајна и требал да биде изненадување за руските владетели. Калининградските мајстори го смениле дизајнот и го компонирале во нов рококо стил, според дизајнот на Anton Reich. За разлика од претходните три килибарни панели кои содржеле библиски мотиви, четвртиот панел ја отсликувал руската слава и воена моќ.

                               Килибарната соба во Третиот Зимскиот дворец. 1743-1755 год. Графичка  

                                                                реконструкција A.A.Кедрински

Од 1746 год. Килибарната соба во Зимската палата е официјална резиденција на руските владетели, добива церемонијална улога и предизвикува восхитување од секој посетител. Последната делегација која таму престојувала била група од полски и саксонски дипломати, предводени од Count Funk на 08.01.1755 год.

Килибарната соба во Царское Село

Во август 1755 год. царицата Елизабета го задолжила Бартоломео Франческо Растрели да ја пресели Килибарната соба во Големата летна палата во нејзината резиденција во Царское Село,  25 км. од Санкт Петербург. В.Фермор шеф на кабинет на Кралското студио добил задача внимателно да ја расклопи Килибарната соба од Зимскиот дворец и да ја спакува во кутии-каси. Посебен тим луѓе бил испратен да ги пренесе на рака касите од Зимскиот дворец до Царское Село.

Царское село била нова резиденција на царската династија Романови во околината на Санкт Петербург. Во големиот број градби во Царское Село по својата големина и значење особено се издвојува Големата Летна Палата.

                      Империјалната палата на Нејзиното Височество во Царское Село                                                       Гравер М.И.Махаева 1750 год. 

Килибарната соба во оваа резиденција била многу поголема од истата во Берлин и Санкт Петербург. Нејзината вкупна површина изнесувала вкупно 312 м2. На местата каде што немало доволно килибар, ѕидовите биле прекриени со платно и обоени во "лажен килибар" од уметникот Иван Белски, а делови на собата биле реорганизирани со ставање на пиластри, огледала и дрвени резби. Александар Мартели бил повторно поканет да ги инсталира панелите.

Со оглед на кревкоста на материјалот и фактот дека парчиња би можеле да попуштат и да паднат, бил назначен посебен тим за одржување на Килибарната Соба. Во 1758 год. Фридрих Рогенбух бил поканет од Прусија да застане на чело на килибарната работилница во Царское село.

К

 Kатерина II Велика (1729-1796)

Во 1763 год. царицата Катерина II Велика (1729-1796) која владее од 1762-1796 год. наредила насликаните панели да се заменат со вистински килибарни панели и наредила исто така да се направат нови панели за долниот ред на sидовите. На Фридрих Рогенбук му помагале мајстори кои претходно биле поканети во Русија: Клеменс Фрид, Јохан Готлиб Велпендорф, чираците Хајнрих Вилхелм Фрид, синот на  Фридрих Рогенбук како и нивните руски студенти. Осум рамни килибарни панели  дизајнирани со вметнати  украси, биле изработени за долните делови на sидовите, вклучувајќи осум пиластер панели (во архитектурата пиластер е сосема малку издаден столб зграден во ѕид ) и раскошно украсена централна врата со резбарени фрагменти на корнизот.Во текот на 4 години на овој проект биле потрошени 450 килограми  килибар.

Килибарот кој покривал три зидови, бил нареден во три нивоа. Централното ниво (во средината) се состоело од осум големи, симетрични вертикални панели.

Најскапоцениот нов декор на Килибарната соба во Царское село биле четири мозаици во килибарни рамки, изработени во Фиренца мозаик техника. Изработени од скапоцени камења, тие биле дизајнирани од уметникот Џузепе Зоци и извонредниот каменорезац и гравер Л.Сириесом и алегориски ги прикажаувале петте сетила: вид, мирис, вкус, звук и допир. Тие јасно биле дадени како дипломатски дар на Русија од австриското царско семејство.

 На пиластерите биле поставени огледала кои го покривале растојанието меѓу големите килибарни панели, а нивните рамки ги украсувале камчиња донесени од Урал и кавкаски декоративни камења. Долниот слој на собата бил покриен со квадратни килибарни панели. Таванот бил преубаво насликан, а подот бил прекриен со мозаици од најскапоцени видови дрва. Во југозападниот агол на собата е поставена мала килибарна маса на елегантно свиткана нога.

Мебелот во собата се состоел од дрвени комоди од руско потекло и вазни од кинески порцелан. Покрај тоа во стаклените витрини на килибарната соба била сместена една од највредните збирки на килибарни предмети создадени во 17 и 18 век од страна на германските, полските и петербуршките мајстори.

Кога била завршена во 1770 год. собата била заслепувачка. Нејзиниот тогашен изглед се појавува во старите фотографии кои се сочувани до денес.

Извадок од килибарниот панел на северниот ѕид на Килибарната соба со потписи и датуми: уметник Фрдрих Рогенбук (1760) и реставратор Карл Еш (1833).

Фрагмент од Големото огледало, подарок од Фридрих I за царицата Елизабета, фотографија од 1910 год.

                  

                               Единствена фотографија во боја од Килибарната соба 1917 год.

                            

                                             Јужниот ѕид, фотографија пред 1940 год.

           

Фиренца мозаик  "Допир и мирис"                    Западниот ѕид, фотографија од 1939 год.

                                 

                                                   Килибарната соба во Кенигсберг

                                  

                                   Општ поглед на Килибарната соба, фотографија од 1910 год.

                                  

                                           Северниот ѕид, фотографија од 1940 год.

Продолжува...