Во 2016 година во Мјанмар е пронајдено парче килибар во кое се наоѓа череп од најмалиот праисториски диносаурус кој некогаш бил откриен. Суштеството е налик на птица, живеело пред 99 милиони години и не растело поголемо од најмалата птица која живее во денешно време – пчелесто колибри, а во моментот кога умрело било веќе возрасна птица.
Фосилот е долг само 1,5 сантиметри од задниот дел на главата до врвот на клунот, со дебелина отприлика околу 1 сантиметар. Овие пропорции укажуваат на тоа дека суштеството било во приближна големина како пчелестото колибри и неговата тежина би била околу 2 или 3 грама.
Најблиска поврзаност на овој фосил, според научниците, е со пердувестите диносауруси Archaeopteryx и Jeholornis, далечни роднини на модерните птици. Научниците претпоставуваат дека како и овие суштества, малиот диносаурус имал пердувести крилја, но без поголем број на фосили, тешко е да се одреди дали и колку добро летал. И покрај неговата големина, овој диносаурус не се хранел од нектарот од плодовите, што може да се заклучи од неговата вилица. Имено, на горната вилица има дури 40 остри заби, како и огромни очи кои служеле за забележување на пленот. Вакви карактеристики не се воочени кај ниеден друг диносаурус, а латинското име Oculudentavis му е дадено баш заради овие карактеристики и е изведено од латинските називи за око, заб и птица.
Според многу палеонтолози, ова е навистина неверојатен пронајдок, многу редок и спектакуларен, а степеност на зачуваност на черепот и деталите е навистина зачудувачки.